„Патот до Брисел”

26 мај 2022

Денеска, во клуб на пратеници, се одржа панел дискусијата насловена „Патот до Брисел”, како воведен настан на овогодинешниот Преспа Форумот за дијалог, кој ќе се одржи во Охрид од 16 до 18 јуни под наслов „Градење на иднината на Западен Балкан во современата европската безбедносна архитектура”. 

На панелот, домаќинот, министерот за надворешни работи Бујар Османи ја истакна важноста и целта на вториот Преспа Форум за Дијалог. Министерот нагласи дека патот до Брисел не претставува само дипломатска активност, туку многу повеќе од ова: тоа е збир од општествени промени кој соодветно на актуелните случувања можеби посоодветно е да се нарече „Патешествие“.

“Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција, се трите договори кои се носечките столбови на Преспа Форумот за дијалог, со кои постигнавме внатрешно и надворешно помирување, интеграција и напредок”, истакна Османи. 

Во овие клучни моменти, рече министерот Османи, за европската и светската историја, се залагаме за проширување и зацврстување на поредокот заснован на правила овде во регионот, олицетворен во НАТО Алијансата и Европската унија.

“Руската агресија врз независна Украина посочи, на најтрагичен начин, колку експанзијата на ЕУ и закотвувањето на Централна и Источна Европа, биле важни за безбедноста, мирот, обединетоста и демократската трансформација и економски просперитет на целиот континент. Она што недостасува е истото да се направи со одлучност и со регионот на Западен Балкан”, изјави Османи.

На панел дискусијата, свое обраќање имаа: Петер Грк, Генерален Секретар на Бледскиот Стратешки Форум и Национален координатор за Западен Балкан во Министерството за надворешни работи на Словенија; Марија Симеонова, Координатор на Програмата за поширока Европа и Канцеларија на Европскиот Совет за надворешни односи во Софија; Ардијан Хачкај, Директор на Тиранскиот форум за поврзаност; Милена Лазаревиќ, Програмски директор на Центарот за европски политики од Белград; Јелена Џанкиќ од Институтот на Европскиот универзитет во Фиренца; Демуш Шаша, Извршен директор на Институтот за европски политики од Приштина и Едвард П. Џозеф, вонреден предавач на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, Школа за напредни меѓународни студии од Вашингтон.

 

Скопје, 25 мај, 2022