СРЕДБА ОСМАНИ-ДЕНДИЈАС

26 May 2022
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес беше домаќин на својот хомолог министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендијас, кој допатува во работна посета на Северна Македонија.
 
За време на тет а тет средбата констатирана е подготвеноста за натамошно унапредување на стратешкото партнерство преку конкретни форми на соработка и ангажмани, што обезбедува поблиско поврзување меѓу двете држави и двата народи. Ваквата соработка претставува модел за целиот регион, за тоа каква треба да биде соработката и како успешно да се разрешуваат отворените прашања меѓу два соседи. Во тој контекст, се разговараше за исполнувањето на обврските од Преспанскиот договор, како и влијанието на договорот врз севкупниот развој на односите и соработката меѓу Северна Македонија и Грција. Постигнатите резултати, беше нагласено, го надминуваат националното ниво и позитивно влијаат врз севкупните односи во регионот. 
 
Соговорниците разменија ставови за најновите состојби во регионалната соработка, руската агресија врз Украина, соработката во рамките на НАТО, како и ЕУ портфолиото на Северна Македонија и останатите држави од регионот, меѓу другото и заради фактот што Грција продолжува да биде силен лобист за нашата интеграција.
 
Како НАТО сојузници ние имаме и обврска да се грижиме за регионалната стабилност и во оваа насока особено sum задоволен што имаме координиран пристап во интерес на регионот и на Европа”, naglasi Osmani, аргументирајќи дека стартот на преговорите со Северна Македонија и Албанија претставува најдобриот начин да се врати европскиот кредибилитет во регионот, и во оваа насока додаде „особено ме радува фактот што ја имаме целосната поддршка на Грција“.
 
Се разговараше и за економската соработка, енергетското поврзување, кое е клучно за обезбедување на диверзификација во снабдувањето со енергенси, брзото оспособување и отворање на граничниот премини Маркова Нога-Лемос и туризмот.
 
Посетата на министерот Дендијас е втора посета на грчкиот шеф на дипломатијата во помалку од една година, што говори за неговата посветеност за иднината на нашите билатерални односи и за европската перспектива на нашиот регион. Министрите ќе имаат прилика да продолжат со серијата средби на претстојниот самит на Процесот за соработка на Југоисточна Европа кој ќе се одржи во Солун на почетокот на јуни, како и за време на вториот Преспа форум за дијалог на кој ќе учествува и министерот Дендијас, кон средината на истиот месец во Охрид.
 
Скопје, 25 мај 2022 година